fbpx
  •   +389 2 3099 500

Единечна доза на радиотерапија

Единечна доза на радиотерапија се изведува во операциона сала, за време на хируршко отстранување на туморот од дојката. Откако туморот ќе се отстрани во сомнителната област се става специјален апликатор. По претходна проценка се аплицираат високи дози на зрачење, со што се заштитува здравото ткиво. 

Традиционална радиотерапија

Во случаи на карцином на дојка, радиотерапијата се врши во посебни заштитени простории во одделот за онкологија и радиотерапија, со алатки кои произведуваат протони и електрони наречени линеарни акцелератори. Кај речиси сите случаи кои биле дијагностицирани со карцином на дојка и третирани со „заштитна хирургија“ (каде само дел од дојката со карцином се отстранува додека останатиот дел од дојката останува недопрен), потребна е радиотерапија по операцијата.

Радиотерапијата почнува по можност најмалку 3 недели по хемотерапијата кај случаи каде што има потреба од неа, или 3 недели по операцијата кај случаи кои не бараат дополнителен системски третман или каде што се применува само хормонска терапија. Кај пациентите кои ќе примаат радиотерапија за дојката, најпрво се прави томографија со  пресеци од 2 мм. Подоцна се прави план за потребната доза која треба да се примени на ризичната област во дојката која ќе се третира со зрачна терапија заштитувајќи ги здравите органи на кои болеста сèуште не се развила (срцето, главните артерии на срцето, белите дробови, другата дојка итн.). Откако планот е одобрен, пациентот прима зрачен третман од 5 до 7 недели, во зависност од состојбата на болеста и мислењето на радиоонкологот. Во други случаи, пациентот прима терапија наречена хипофракција која трае 3 недели.

Примена на единечна доза

Примената на единечна доза се прави со интраоперативна зрачна терапија (ИОЗТ) која користи линеарен акцелератор на ист начин како и традиционалната радиотерапија. Овој метод се применува во операционата сала употребувајќи безбедна и преносна алатка која оперира на линеарен и забрзан начин произведувајќи само електронска енергија, но не бара заштита на персоналот како што е случај со традиционалните линеарни акцелератори. Покрај хируршкиот тим кој ја изведува операцијата, во салата се присутни и специјалист по радиоонкологија и медицински физичар. На овој начин, радиотерапијата завршува во исто време со операцијата. Огромна предност за пациентот е тоа што нема потреба да чека да зарасне раната по операцијата, ниту, пак, да ја планира радиотерапијата и да оди во болницата секој ден за третман. На овој начин, целото времетраење на третманот исто така се скратува.

За време на операцијата, откако ќе се отстрани карциномот од дојката, посебен апликатор кој е дел од алатката се мести на местото каде што е карциномот. По извршените потребни пресметки, во висока мера се зрачи само местото со карциномот оставајќи ги здравите ткива целосно заштитени. Иако примената на единечна доза или употребата на различни методи кои го зрачат само местото на коешто се наоѓа карциномот, се методи кои се сè пошироко прифатени во последниве години, единечната доза не е наменета за секој пациент. Одлуката дали пациентот може да го прими овој третман мора да се донесе од страна на радиоонкологот, хирургот и патологот кои работат со пациентот. Возраста на пациентот, големината на карциномот и другите патолошки својства на карциномот играат важна улога во оваа одлука.

Кој може да прими зрачна терапија?

Пациентите на возраст под 50-60 години не се сметаат за идеални кандидати за примена на терапијата со единечна доза. Кај овие пациенти потребно е да се примени зрачење на местото каде што се наоѓа карциномот, а потоа и зрачење на целата дојка со традиционалниот метод. Штом заврши третманот на целата дојка во период од 25-28 работни дена, исклучувајќи ги викендите, наместо целата дојка, со зрачење се третира само местото од каде е отстранет карциномот, што одзема околу 5-8 работни дена во зависност од пациентот и околностите. Зрачење на местото со карциномот се нарекува поддршка со зрачење. Благодарение на методот за ИОЗТ, поддршката со зрачење се изведува како единечна доза во текот на операцијата, по што целата дојка станува предмет на зрачење и целото времетраење на третманот е скратено.

Зрачење во областа на брадавицата

Хируршкиот третман со зачувување на дојката може да не биде адекватен за некои пациенти. Кај пациентите кај кои целата дојка треба да се отстрани, брадавицата и околната област се оставаат недопрени за подобар козметички резултат. Ова се нарекува мастектомија со зачувување на брадавицата. Единечна доза на зрачење се применува на брадавицата и ткивото кое се наоѓа веднаш под неа со употреба на метод на ИОЗТ со цел да се намали ризикот од повторно појавување.