fbpx
  •   +389 2 3099 500

Бранка Стојановска, 50 години (пекар)

Болеста ме научи да верувам, да имам надеж и да бидам благодарна

Борбата со карциномот на дојка, болест чие име секој се плаши да го спомне, мене ме научи да верувам, да имам надеж и да бидам благодарна.

Не престанав да верувам дека ќе се излекувам. Имав доверба во мојот доктор. Благодарна сум му за сé што имам. Наместо да велам „Јас го победив карциномот“, јас постојано велам „Научив да живеам со карциномот".

Приказната за мојата болест почна во јули 2012 година кога забележав грутка во мојата дојка. Направив испитување и ми рекоа дека не треба да губам време, туку веднаш да почнам да се лекувам. За два дена се направија сите потребни испитувања и тестови, а потоа веднаш ме оперираа. На мојот доктор му реков дека ако треба да ја отстранат целата дојка јас ќе се справам со тоа. Сакав сите лоши клетки да ги отстранат од мене, едноставно сакав да „се ослободам“ од нив. Колку и да размислував логично и трезвено, сепак, почнав да плачам при првото облекување.

До тој момент само сакав да најдам решение за проблемот, некако емоциите ми беа настрана. Но, веќе не можев да издржам, емоциите победија. Со хемотерапија започнав плачејќи. Докторот без да ме плаши полека ми објасни како ќе се лекувам. За време на хемотерапијата размислував дека сите негативни работи ќе завршат заедно со моето лекување и ќе се вратам на стариот начин на живеење. Се обидував да го направам она што ми беше кажано, она што требаше да се направи за да продолжам со мојот живот, мислејќи дека дека сите проблеми што ги доживеав за време на хемотерапијата ќе престанат по завршувањето на третманот.

По лекувањето се чувствувам како риба на суво

По 8-месечна терапија се почувствував како риба на суво. Со нетрпение чекав сé да заврши. Додадов уште 12 килограми, но оваа тежина не се споредуваше со тежината која ја чувствував во мојата душа. Сепак, животот продолжува. Ако сакав да сум дел од овој „живот“, морав да започнам од некаде. Тоа го должев на себе и на луѓето околу мене. Во овој период почнав да присуствувам на состаноците на групата за поддршка на заболените од карцином на дојка. Таму имав можност да се запознаам со жени кои ја имаа истата болест, но секоја со различно искуство и проблеми, жени кои меѓу себе не се критикуваа, беа борбени и јаки. На крај на секој состанок, од споделените искуства извлекував по една поука и се трудев истата да ја применам во мојот живот.

Не застанав, тргнав напред по патот заедно со мојот сопруг, сестра ми, блиските пријатели, роднини и мојот доктор. Никогаш не се откажав. Љубовта ми даваше храброст. Сите што ги познавав заеднички се трудеа да ме кренат на нозе. Еве поминаа 2.5 години откако се разболев. Кога ќе се свртам назад забележувам колку непотребен товар сум носела на мојот грб. Наместо да го носам товарот од минатото, сегашноста и иднината, одлучив оној товар од минатото да го оставам и да ја живеам само сегашноста. Чувствувам дека сум појака трудејќи се животот да го живеам со секоја пречка и да ја почувствувам убавината на секој момент.